Ние ја градиме вашата НАСМЕВКА!

ЕСТЕТСКА ДЕНТАЛНА МЕДИЦИНА

Естетската дентална медицина ги опфаќа најмодерните и најсофистицираните техники во денталната медицина и во целост е посветена на природната блескава и убава насмевка. Здравите и бели заби придонесуваат за да имаме поголема самоувереност, удобност и полесно да се справиме со предизвиците од приватниот и деловниот живот. Стареењето на нашето тело како и надворешните фактори како на пример различни трауми, пушењето, конзумирање на одредени лекови, храна и пијалоци секогаш влијаат на забите и забното ткиво и постепено тие губат од својата убавина. За среќа, со помош на современите техники на пескарење, чистење и избелување на забите, вградување на одредени естетски ламинати или гингивопластика во нашата поликлиника можете на најефикасен начин, за многу кратко време и безболно да ја вратите вашата здрава, сјајна и убава насмевка.

ZOOM белеење на заби

Белеењето на заби со методот наречен ZOOM е брзо и ефикасно. Со овој метод се белеат забите со помош на гел чија главна состојка е водород пероксид. Ова соединение се активира под специјалната светлина на УВ ламбата која продира во површината на забите.

Вашите заби прво ги полираме, ги заштитуваме забното месо и усните а потоа се нанесува гелот за белеење и се активира специјалната ламба. Очите на пациентот се заштитуваат со помош на специјални наочари. Целиот процес трае од 45 до 60 минути, а поделен е на неколку фази од по 15 минути во зависност од посакуваната нијанса на забите. Белеењето влијае на виталните и авиталните заби, еден или повеќе заби. Вообичаено забите побелуваат 5 до 6 нијанси, остануваат бели 6 месеци до цела година во зависност од вашиот стил на живот, односно конзумацијата на кафе, цигари, црн чај, газирани пијалоци, темно вино и слично.

Откако ќе помине овој период постапката може да се повтори или пак да се набави посебен сет за домашна употреба.

Кај некои пациенти може да се појави осетливост при ваквиот третман бидејќи светлото на специјалната УВ ламба во некои случаи може да предизвика загревање и неудобност. Откако ќе го нанесеме гелот за белеење нанесуваме ACP гел (Аморфен Калциум Фосфат) кој го елиминира непријатното чувство кај пациентот по третманот.

ЧИСТЕЊЕ И ПЕСКАРЕЊЕ НА ЗАБИТЕ

Под пескарење на забите се подразбира чистење на забните наслаги со помош на мали зрна на песок во комбинација со воден млаз. Со овој процес многу ефикасно и брзо се отстрануваат бојосаните наслаги на забите. Целиот проес трае 25-30 минути. Површинското чистење на денталниот плак и меките наслаги со пескарење е задолжителен третман пред професионалното белеење на заби. Пескарењето се прави со помош на апарат кој под притисок исфрла ситни микроабразивни зрнца растворени во вода. На овој начин успешно се отстрануваат насобраните меки наслаги и непријатни пигменти со што на забите им се враќа природната боја. Овој третман е целосно безболен за пациентите а исто така во смесата се додава и природен вкус кој за пациентите целиот третман го прави поудобен. Меките и тврдите забни наслаги со одреден пигмент не се само естетски проблем, а се состојат од различни нечистотии или бактерии кои го загрозуваат здравјето на забите и устата предизвикувајки различни воспаленија. Ако пиете многу црно кафе, црн чај, овошни сокови, пушите цигари или можеби сте лесно подложни на некои хроматогени бактерии можеме на многу едноставен и ефикасен начин да ви помогнеме. Пескарењето се препорачува еднаш на 6 месеци до година.

Професионалното механичко чистење на забите се однесува и на селективно отстранување на забниот плак и забниот камен на сите забни површини пришто посебно внимание им се посветува на површините што пациентите вообичаено ги занемаруваат при секојдневоното четкање, а таму најчесто се појавува и наталожува забниот камен. Ваквите места најчесто претставуваат интердентални простори одностно лингвални површини на долните секачи и очници.

Третманот за професионалното чистење на меки и тврди наслаги се остварува со помош на ултразвук, односно со помош на мали ротирачки четки и гуми, скалери и кирети, со кои поминуваме врз забите и ги одстрануваме сите наслаги. По завршувањето на целиот третман, забите можеме и да ги пескариме.

ЗАБЕН НАКИТ

Дали сакате вашата насмевка да ја направите по впечатлива и поатрактивна? Тогаш можете да ставите забен накит на вашиот заб. Тоа претставува едноставен козметички зафат кој не е штетен за глеѓта. Материјалот кој се користи за поставување на забниот накит е истиот материјал кој се користи при вградување на ортодонтски помагала, односно се врзува на забот со помош на лепило и нема потреба од понатамошно бушење на глеѓта. Како и секогаш после било каков третман потребно е да се одржува нормална орална хигиена како превенција против насобирање на наслаги. На вашите заби накитот може да остане и до неколку години а постапката за отстранување на забниот накит е исто така многу едноставна, не предизвикува оштетувања и се завршува со полирање на забот. На забот освен циркон може да се постави и вистински дијамант, брилијант, сафир или по желба може тоа да биде и Swarowski кристал.

Пластична хирургија на гингивите (непцата)

Пародонтната пластична хирургија може да ви ја разубави насмевката и да го одземе чувството дека имате лош естетски изглед. Најчесто пародонтна пластична хирургија се користи за покривање на оголените површини од коренот на забот. Ваквото повлекување на непцата од површината на забниот корен се нарекува гингивална рецесија. Рецесијата може да настане поради неправилно четкање на забите, локално насобирање на дентален плак или генерално губење на коскено ткиво кај пациентите со пародонтални заболувања.  Во зависност од ситуацијата може да се применат различни хируршки зафати.

Во случај забното место да ја има доволната дебелина се користи истото ткиво за покривање на забниот корен. Од друга страна, кога забното место ја нема потребната дебелина односно постои тенок гингивит или клинести дефекти, потребно е да се примени трансплантација на врзното ткиво од непцето.

Рецесијата мора да се санира од повеќе причини, некои од нив се естетските или козметичките потреби на пациентите, поголема чуствителност на површината на коренот, честата појава на кариес врз површината на коренот на забот, појавување на дефекти во површината на коренот или пак се појавува потреба за промена на позицијата на маргиналниот раб на гингивата за да се олесне секојдневната орална хигиена. Пред да се започне со зафатот, пациентот мора да го промени штетниот начин на четкање на забите. Тоа претставува првиот чекор во терапијата за соголените корени на забите и најчесто претставува единствен начин за терапијата при ваквите дефекти да биде успешна. Пациентот мора потполно да се придржува на советот од стоматологот во врска со новиот начин на четкање на забите, во спротивно може да се постигнат негативни резултати.

Ламинати - Veneers

Ако вашите заби се неправилни, оштетени или има појава на промена на боја, со помош на керамичките ламинати можете да ги решите сите проблеми. Иако ламинатите не ја заменуваат добрата орална хигиена, со нивна помош можеме брзо и едноставно да го решиме проблемот, да ја разубавиме вашата насмевка и да ви ја вратиме самоувереноста.

Ламинатите се тенки, прозирни и прават предниот дел на забот да изгледа убаво. Со нив можеме да ви ја промениме формата, големината, положбата и бојата на природните заби како и намалување на просторот меѓу забите, корекција на одредени ортодонтски неправилности, исправување на криви и изобличени заби или целосна замена на старите неестетски композитни пломби односно покривање на флеки и дисколорација.

Ламинатите се целосно изработени од керамика што ги прави многу слични на природните заби. Керамиката е отпорен и цврст материјал кој со својата боја, отпорност и одсјај наликува во целост на природните заби.

Подготовката за изработка и примена на ламинатите вклучува минимално бдлабнување на забите кои сакаме да ги покриеме односно носење на привремени ламинати додека керамичките ламинати се изработуваат во заботехничка лабараторија. Во наредната посета проверуваме дали ламинатите ви одговараат од аспект на бојата и формата која веќе ја одредивме па потоа трајно се цементираат и зацврстуваат ламинатите со композитен керамички цемент.

Најпогодни пациенти за ламинати се личнисти кои одржуваат добра орална хигиена но не се задоволни со изгледот на својата насмевка и би сакале да ја разубават.